Влатко Стефановски со награда Порин за посебен придонес во хрватската музика
Стефановски во текот на повеќедецениската кариера изгради автентичен и препознатлив музички израз во кој природно се испреплетуваат етно-џезот, инструменталниот рок, џез-фјужн и блузот, силно проткаени со наследството на традиционалните македонски ритми.
Македонскиот гитарист со меѓународна кариера Влатко Стефановски е добитник на наградата Порин за посебен придонес во хрватската музика (Porin Special Merit Award), што ќе биде доделена на 27 март годинава во сплитската сала „Грипе“.
„Кроација рекордс“ соопшти дека оваа награда го препознава исклучителниот уметнички опус на Стефановски кој ја обликуваше регионалната музичка сцена, вклучително и хрватскиот културен простор. Потенцираат дека Стефановски е уметник чие творештво ги надминува границите на една средина – неговиот музички јазик, авторитет и креативна доследност оставија силен белег во бројни соработки, меѓу кои Хрватска зазема посебно место.
Стефановски во текот на повеќедецениската кариера изгради автентичен и препознатлив музички израз во кој природно се испреплетуваат етно-џезот, инструменталниот рок, џез-фјужн и блузот, силно проткаени со наследството на традиционалните македонски ритми. Токму овој уникатен спој го направи симбол на македонската музичка култура, но и еден од најценетите гитаристи на меѓународно ниво, се вели во соопштението.
Оттаму дополнуваат дека придонесот на Стефановски несомнено е препознаен преку неговото трајно музичко влијание, врвните уметнички вредности, како и преку честите и со радост прифатени гостувања во Хрватска, кои претставуваат драгоцен додаток на неговата исклучителна кариера.
Фото: Croatia Records
