САД

Иран подготвен за војна, САД и ЕУ со остри пораки кон Техеран

30.01.2026 10:51

Тензиите меѓу Иран и западот ескалираат откако Техеран порача дека ќе се брани со сила од можна американска интервенција, а Вашингтон најави воена подготвеност. Во меѓувреме, ЕУ ја прогласи Револуционерната гарда за терористичка организација, додека иранскиот народ живее во страв и неизвесност.

Иран мора да биде подготвен за војна, Исламската република ќе се брани со сила – категоричен одговор на потпретседателот на земјата, на заканите за американска воена интервенција. Американската армија, пак, во состојба на готовност да ја спроведе секоја одлука што претседателот Трамп ќе ја донесе за Иран за да се осигури дека Техеран нема да продолжи да развива нуклеарно оружје.

„Имаме многу големи и моќни бродови што пловат кон Иран во моментов. И би било одлично ако не мора да ги користиме. На Иранците им кажав две работи. Прво, без нуклеарно оружје и второ, престанете да убивате демонстранти. Убиваат илјадници“, изјави претседателот на САД, Доналд Трамп.

Европската унија го прогласи иранскиот корпус на Исламската револуционерна гарда за терористичка организација поради бруталното задушување на протестите низ целата земја.

„Ова ја става гардата на исто рамниште со Исламската држава, Ал Каеда и Хамас. Оние кои манифестираат терор, мора да се третираат како терористи“, изјави Каја Калас, висок претставник на ЕУ.

Генералштабот на иранските вооружени сили предупреди дека овој чекор директно ќе влијае врз европските носители на одлуки. Според нив, одлуката е донесена под притисок од САД и Израел.

Во меѓувреме, голема неизвесност кај иранскиот народ. Цените продолжија да растат, валутата да паѓа, а животот стана уште потежок. Во Техеран мирно, но стравот е присутен кај жителите. Малкумина имаат храброст да застанат пред камера.

„Се плашам од напад на САД. Дури се плашам да зборувам за тоа.“

„Носам црно затоа што тагувам. Ова не е првпат. Веќе имавме неколку масакри во Иран – многумина ги загубија своите животи. Протестите не нè доведоа никаде. Сега мора да почекаме и да видиме што ќе одлучат САД.“

Обединетите нации ја потврдија осудата на ужасната репресија што се случува во Иран и повикаа на дијалог за справување со растечките тензии во земјата.

Катерина Бојаџиева