Гришко отвора втора фабрика во Македонија
Уште една странска компанија се реши за нова инвестиција во Македонија. Менаџметот на руски Гришко, на средба со премиерот Груевски, ги откри бизнис – плановите..
Руски Гришко повторно ќе инвестира во Македонија. Компанијата во октомври почнува со изградба на нивната втора фабрика за балетски обувки во Демир Хисар. Инвестицијата се проценува на повеќе милиони евра и треба да отвори од 160 до 200 работни места. Новата фабрика со работа треба да почне во почетокот на идната година, период кој, според најавите, менаџментот ќе го искористи за да ги најде потребните работници.
„На почетокот, нашите работници мораат да го минат процесот на обука, за да научат како да ги изработуваат овие модели на обувки. Нашите работници почнуваат од нула, бидејќи досега, никој во Македонија не работел на ваков вид производ и недостасува искуство. Во нашата фабрика веќе работат 80-ина луѓе, кои успешно го научија процесот на работа. Се надевам дека моето скромно вложување во вашата земја ќе заврши со успех“ , изјави Николај Гришко,сопственик на компанијата.
По Џонсон Контролс, Џонсон Мети и Текнохозе, Гришко е уште една странска компанија, која по одреден период, носи одлука да реинвестира во земјава. За македонските власти, ова е уште една потврда на добрата бизнис – клима.
„Еден од најдобрите индикатори е кога странските компании кои доаѓаат во Македонија се решаваат за дополнителни инвестиции. Тоа кажува дека бизнис – климата во нашата земја е многу добра, па самите инвеститори одлучуваат да отворат дополнителни капацитети за проширување на нивниот бизнис“, изјави Бил Павлески, министер за привлекување странски инвестиции.
Гришко веќе година и пол работи во демирхисарко Слепче и во моментов, вработува 80-ина луѓе, и се очекува значително да придонесе за економско раздвижување на целиот регион. Нивното производство е наменето за извоз, во САД, Европа, Јапонија. Првичниот контакт со компанијата бил воспоставен за време на владиното роуд – шоу во Руската Федерација. Се работи за една од трите водечки компании во оваа дејност. Имаат пет фабрики за производство и извезуваат во 70 земји од светот.
Мартин Пушевски
