Рекордни приходи од концесии, наплатени над 1,2 милијарди денари
Наплатата на концесиските надоместоци за експлоатација на минерални суровини во 2025 година достигна историски максимум, со раст од 218 проценти во однос на 2024, соопшти Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини...

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини информира дека во 2025 година е остварена рекордна наплата од концесиски надоместоци за експлоатација на минерални суровини, во вкупен износ од 1.223.455.203 денари. Тоа претставува зголемување од дури 218 проценти во споредба со 2024 година, кога биле наплатени 561.544.717 денари.
Иако во 2025 година биле склучени помал број договори за концесии (289 наспроти 342 во 2024), наплатата значително пораснала во сите квартали. Најголем раст е забележан во третиот квартал, кога приходите достигнале речиси 398 милиони денари, што е зголемување од 276 проценти.
Од Министерството посочуваат дека ваквите резултати се должат на засилените инспекциски контроли, подобрената координација со општините, како и на примената на новиот Тарифник од 1 јануари 2025 година, со кој концесискиот надоместок е зголемен и до 100 проценти. Во текот на годината биле раскинати и 46 договори со концесионери кои не ги исполнувале законските обврски.
Зголемената наплата, како што се наведува, директно придонесува за повисоки приходи во државниот и општинските буџети, овозможува инвестиции во комунална инфраструктура, проекти за обновливи извори на енергија и заштита на животната средина.
Министерството порачува дека ќе продолжи со воспоставување високи стандарди за транспарентно и одговорно управување со природните ресурси, со цел обезбедување одржлив развој и поддршка за локалните заедници.
