ССМ фрли ракавица за колективниот договор
Синдикатот го повика премиерот Мицкоски в понеделник да дојде да потпише колективен договор за зголемување на платите. Не се откажуваат од повисоки примања во сите сектори. Премиерот Мицкоски потсети дека растот мора да биде согласно законот и повтори дека ќе поддржат секое решение, кое ќе биде изгласано заеднички со работодавачите.

Раководството на ССМ го поканува премиерот во понеделник да го посети Работничкиот дом и да го потпишат колективниот договор со кој работниците во наредните две години би добиле за 40 насто повисоки плати по обвинувањата дека го одбиле да го потпишат.
Понудата е на маса, но треба да се направи корекција на општиот колективен договор во делот за плати истакна премиерот Мицкоски. Синдикалците не се согласуваат, бидејќи велат за тоа е потребна согласност од сите 18 гранкови синдикати. Потсетуваат дека се до потпишување на нов општ колективен договор важи постоечкиот.
ССМ најавуваат дека следната недела ќе ги удрат по џебот пратениците, да не можат да земат патни трошоци, ќе го блокираат Собранието, бидејќи го чуваат законот во фиока и не го поддржуваат зголемувањето на платите. Не се поместуваат од црвената линија 600 евра минимална плата и 6.000 денари зголемување на сите останати.
Протестите велат ќе преминат во штрајкови ако не се исполнат барањата, бидејќи платите не ги следат трошоците за живот. Над 200 илјади работници земаат помала пата од 30 илјади денари.
Александра Велинова
