Обвинение против полициски службеници за пожарот во „Пулс“
Поднесени три обвиненија против полициски службеници за пожарот во дискотеката „Пулс“. Ќе се гонат за тешки дела против општата сигурност, злоупотреба на службена положба, неизвршување на должноста. За седуммина, Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција ја запре постапката.

Влегле во дискотеката „Пулс“ за да ловат малолетници, но не наредиле да се тргне пиротехниката од бина. Деветмината полицајци кои кобната вечер вршеле рација добија обвинение за „тешки дела против општата сигурност“, а за истото се товарат и нивните претпоставени, четири полициски началници.
„Дел од обвинетите не презеле соодветни мерки за заштита на присутните лица, ниту мерки за спречување на активирање на пиротехничката опрема на сцената, иако употребата на пиротехника не била пријавена во полициската станица – Кочани. Како последица на несоодветните услови за работа во текот на акциската контрола, настанал пожар, при што придонеле за настапување на смрт на 63 лица“, велат од Обвинителството.
Одговорност, Обвинителството лоцира и кај други деветмина полицајци, бидејќи му овозможиле на клубот незаконски да профитира давајќи му согласност за работа. Тројца, пак, се товарат за погрешно пополнување на записници од контролите, со цел газдата да избегне казни.
Сепак, тоа не значи дека овие седуммина ќе куртулат од одговорност. Случајот ќе го преземе кочанското Обвинителство кое ќе треба да утврди дали потфрлиле проверките и дали ја злоупотребиле положбата.
Анита Димитријевска – Велковска
