Здружението на приватни гинеколози и акушери бара јасни правила за примарната здравствена заштита
Здружението на приватни гинеколози и акушери бара јасни, институционално уредени правила – кои услуги и колку се покриени преку државна квота? Ова доаѓа откако првиот човек на Фондот Клековски објави дека кај половина од матичните гинеколози биле констатирани неправилности и наплаќале за услугите, наместо да бидат бесплатни. Здружението смета дека постои нејаснотија во договорите од Фондот. Од ресорното министерство велат дека ќе ги разгледаат барањата на здружението...

Приватните гинеколози бараат јасно утврдени правила – кои здравствени услуги се на товар на Фондот. Велат имаат упатства, но во практика тешко се применуваат и оваа нејаснотија со години им создава различни толкувања. Бараат ревидирање на договорите.
„Недефинирани се стандардите за бројот на потребни прегледи, индикациите за прегледи. Прегледи има многу на барање на пациентките, надвор од стандардите. Постојат медиумски промоции дека сите прегледи се бесплатни, а оваа правна и договорна нејасност со години создава рачни толкувања“, изјави д-р Ѓорги Костадинов, Здружение на приватни гинеколози и акушери.
Оваа реакција доаѓа откако Фондот за здравство констатираше незаконско работење на дел од матичните гинеколози – наплаќале за ПАП тестови и брисеви кои треба да се бесплатни и ги казни со 25 илјади денари.
Гинеколозите велат поради недефинирани стандарди се создава хаос, а одговорноста се префрла врз нив.
„Нашето барање конкретно кон Министерството за здравство и кон Фондот е да ги дефинираат тие сет на услуги. Тоа е нивна задача. Ние сега работиме во еден хаос. Тоа што Министерството за здравство го донесе ПАП тестот на три години, тоа не е наша одлука“, изјави д-р Оливера Арнаудова од Здружение на приватни гинеколози и акушери.
Реакција стигна од Министерството за здравство.
„Потенцираме дека упатствата за медицина базирана на докази континуирано се ревидираат и обновуваат, следејќи ги современите текови во медицината, така што и во конкретниот случај стручните служби ќе ги разгледаат сите аспекти, согласно со барањето на Здружението на матични гинеколози и акушери на Македонија“.
Доколку не се најде решение, гинеколозите најавуваат протести.
Андријана Ѓурческа
