Скопје

Граѓаните утре на протестен марш „Стоп за УСЈЕ“

30.01.2026 17:00

Граѓаните утре ќе го блокираат центарот на Скопје. Протестен марш – Стоп за УСЈЕ, ќе стартува пред Владата со барање за решение за загадениот воздух. Од компанијата преку допис до медиумите се пожалија дека не се причина за загадувањето а фактите го потврдувале тоа. Министерот Хоџа најави построг пристап кон индустријата...

Граѓанската иницијатива „Стоп за УСЈЕ“ со марш низ улиците на Скопје утре во 12.00 часот ќе го крене гласот против аерозагадувањето. Пред влада е појдовната точка, граѓаните ќе се движат кон републичкото Собрание се до Министерството за животна средина каде ќе заврши маршот.

Активистите велат, УСЈЕ има 12 емисиони точки од каде што испушта чад, а испраќа податоци само од две точки.

Граѓаните остануваат на својот став да има мерни станици околу цементарницата Усје за да можат сите во реално време да следат дали овој индустриски објект загадува. Се надеваат дека од министерството ќе ги слушнат нивните барања и ќе бидат имплементирани.

Од ТИТАН-УСЈЕ со соопштение реагираат дека повеќе од еден месец се цел на неосновани напади и дека тие не се причина за загадувањето и фактите го потврдуваат тоа.

„ТИТАН – УСЈЕ“ како компанија носител на а-интегрирана дозвола е под континуиран 24-часовен независен мониторинг на излезните гасови од оџаците, а резултатите од мерењата се јавно достапни“, стои во реакцијата.

Министерот за животна средина рече дека системски го менува пристапот кон индустријата, со построги правила и понизок праг на емисии во урбаните средини.

„Од септември 2027 стапува во сила веќе усвоениот закон за контрола на емисиите, кој ќе воведе построги стандарди за индустријата, јакнење на надзорните капацитети за контрола на Министерството“, изјави Мухамед Хоџа, министер за животна средина.

Од Министерството објаснуваат дека УСЈЕ во март ќе треба да поднесе барање за обнова на дозволата и да се приспособи на новите критериуми што ќе важат од наредната година.

 

Наташа Јанчиќ Менковски