Опомените од утре ќе се заменат со казни- стартува „Безбеден град“
Од утре стартува системот „Безбеден град“ во Скопје, Куманово и Тетово. Наместо опомени несовесните возачи ќе добиваат казни. Доколку граѓанинот смета дека не го сторил прекршокот, казната ќе може да ја обжали.

Опомените од утре се заменуваат со казни. Стартува системот „Безбеден град“. Камерите и радарите, ќе „ловат“ несовесните возачи во Скопје, Куманово и Тетово.
Новиот систем за почеток ќе регистрира четири прекршоци. Лицата зад воланот ќе мора да ја приспособат брзината според сообраќајните знаци, ќе се санкционира и поминување на црвено светло, нерегистрирани возила и неправилно паркирање. Возачите кои ќе направат прекршок ќе добијат смс порака или е пошта со извештајот за платен налог. Казните зависно од прекршокот ќе се движат и до 500 евра, но и забрана за управување на возилото.
„Во иднина е предвидено надоградување на системот и поставување на нови камери и функционалности на камерите за детектирање на сообраќајни прекршоци. Доколку граѓанинот смета дека не го сторил прекршокот има можност да покрене постапка пред судот за прекрошоци, при што МВР ќе ги достави сите докази со кои располага и судот е надлежен да се произнесе за исходот од постапката“, изјави Ивана Младеновска, портпаролка СВР Куманово.
Во Куманово лани биле изречени 889 казни за управување возило со брзина над дозволена. За недозволено паркирање биле санкционирани над 1.000 лица, 29 за црвено светло а дури 364 за нерегистрирани возила. Граѓаните со очекувања системот „Безбеден град“, да ја врати сообраќајната култура. Но дел од нив со забелешки за селективната примена, само во три градови, и превисоки казни.
„Ако има треба во цела Македонија, а не само во Куманово. Но неопходно ли е за да се научиме на правилата? Треба да има да“, вели еден граѓанин.
„Слабо, нема почитување. Има пребрзо возење“, укажа друг.
„Редно е да се стави некој ред, деца, стари луѓе, пешаци. Не се почитува ниту овде ниту во Скопје никаде“, дополни друг.
„Казните се многу големи, требаше првин опомени и да се освестат луѓето за тоа и да ги почитуваат сообраќајните правила, знаците, брзината“, вели граѓанин.
„Безбеден град“ ќе се шири и во останатите градови низ државата. За месец до два ќе има возила со камери коишто ќе бидат поврзани со системот. Целта на оваа мерка е безбеден сообраќај и намалување на сообраќајните незгоди. Анализите покажаа значајно помал број прекршоци откако пробно беше пуштен системот.
Елена Георгиевска
