МВР

Од утре стартува системот „Безбеден град“

31.01.2026 11:31

Ќе се казнуваат сообраќајни прекршоци во Скопје, Куманово и Тетово, како и на Коридорите 8 и 10.

Од утре официјално започнува со работа системот „Безбеден град“, информира Министерството за внатрешни работи. Во првата фаза, системот ќе функционира на територија на Скопје, Куманово и Тетово, како и долж Коридорите 8 и 10, при што прекршоците детектирани од камерите ќе бидат автоматски санкционирани.

Како што соопштуваат од МВР, системот во почетната фаза ќе регистрира четири типични сообраќајни прекршоци – непрописно паркирање, возење со брзина поголема од дозволената, минување на црвено светло и управување возило со изминат рок на важност на сообраќајната дозвола.

„Безбеден град“ се оценува како значајна инвестиција во безбедноста на сообраќајот, со цел намалување на бројот на сообраќајни несреќи и спасување човечки животи. Камерите се поставени на критични сообраќајни точки каде што најчесто се евидентираат прекршоци и сообраќајни инциденти.

Од Министерството апелираат до граѓаните доследно да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и со одговорно однесување да придонесат за побезбедни и посигурни патишта низ целата држава.