Воен конфликт

Нападите продолжуваат, енергетските објекти поштедени

31.01.2026 13:50

Зеленски вели дека земјата е подготвен за состаноци со руските и американските претставници за вистински крај на војната, но во одреден момент сака и Европа да биде на преговарачката маса.

Русија и Украина се воздржуваат од напади врз енергетската инфраструктура по договорот со поддршка на САД, со кој Кремљ се согласи да ги запре воените дејствија поради ниските температури до први февруари. Сепак, украинскиот претседател нотира дека Москва ја пренасочила воената активност кон логистичките објекти, на удар железничката инфраструктура. Во исто време, Зеленски вели дека земјата е подготвен за состаноци со руските и американските претставници за вистински крај на војната, но во одреден момент сака и Европа да биде на преговарачката маса.

„Отворени сме за состанок во кој било формат со Русија и со САД. Исто така, би сакале Европа да биде присутна во една или друга фаза од овие преговори бидејќи дел од нашите безбедносни гаранции е членството во Европската Унија, како и Коалицијата на подготвените. Но, пред сè, треба да се сретнеме, трите страни. Мора да имаме можност, во еден или друг формат, да имаме контакт со Руската Федерација, со лидерот на Русија. Без таков формат, според мене, од она што го гледам, нашите тимови нема да можат да постигнат договор за територијални прашања“, изјави украинскиот претседател, Володимир Зеленски.

Шефот на Белата Куќа е оптимист дека разговорите меѓу Киев и Москва со посредниците Виткоф и Кушнер имаат реални шанси да вродат со плод. Сепак остави отворена можност за поинаков формат на дипломатски ангажман.

„Се обидувавме. Завршив осум војни. Сите тие, мислев, можеби ќе бидат потешки од оваа. Но Зеленски и Путин се мразат еден со друг, и тоа го прави многу тешко. Но, мислам дека сме многу блиску до постигнување решение. Стотици илјади луѓе, претежно војници, беа убиени“, вели Доналд Трамп, претседател на САД.

И покрај обидите на западните земји да ги блокираат деловните врски со Русија, извозните договори на земјата генерално се исполнуваат стабилно, вели рускиот претседател.

„Притисокот од западните земји врз нашите партнери да ги попречат и блокираат нивните деловни врски со Русија продолжи, па дури и се зголеми. Сепак, и покрај сите овие напори, нашите извозни договори генерално беа исполнети сигурно. Руски воени производи беа испорачани во повеќе од 30 земји изминатата година, а девизниот приход надмина 15 милијарди долари“, изјави рускиот претседател, Владимир Путин.

На последниот состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ во Брисел, блокот и официјално ја стави Русија на црната листа на земји со висок ризик од перење пари и финансирање на тероризам.

Маријана Димовска