Животна средина

Протестен марш на иницијативата „Стоп за Усје“

31.01.2026 14:56

Иницијативата „Стоп за Усје“ на протестен марш, поради како што велат енормното загадување од компанијата „Титан-Усје“, но и немањето слух на институциите.

Нè обединува правото на слобода, а слободата започнува со воздухот што го дишеме. Профит за нив, болести за нас. Воздухот не е луксуз, туку наше право-ова се дел од пораките пратени од граѓанската иницијатива „Стоп за Усје“ до надлежните. Го дигнаа гласот против загадувањето на цементарницата со мирен протест. Повторно побараа нејзино дислоцирање.

Од „Титан Усје“, реагираа дека повеќе од еден месец се цел на неосновани напади и дека тие не се причина за загадувањето и фактите го потврдуваат тоа.

Од Министерството за животна средина појаснуваат дека од септември 2027-ма, стапува во сила веќе усвоениот закон за контрола на емисиите, кој ќе воведе построги стандарди за индустријата. Системски го менуваат пристапот кон индустријата, со построги правила и понизок праг на емисии во урбаните средини.

Според премиерот Мицкоски, Владата презела конкретни чекори за подобрување на квалитетот на воздухот и животната средина преку договори за изградба на когеренетивни централи и системи за далечинско греење, како и преку одлуки за набавка на електрични автобуси, кои не се наменети само за главниот град.

„Усје“ во март ќе треба да поднесе барање за обнова на дозволата и ќе треба да се приспособи на новите критериуми што ќе важат од наредната година.

Александра Спировска