Сообраќај

Граѓаните со очекувања од „Безбеден град“

31.01.2026 17:31

Од утре нема опомени, туку казни. Почнува со работа системот „Безбеден град“. Надлежните потврдуваат дека софтверот е целосно тестиран. Граѓаните со очекувања за побезбеден сообраќај.

Од утре почнува да функционира системот „Безбеден град“. Во првата фаза камерите ќе регистрираат сообраќаен прекршок во Скопје, Тетово И Куманово и на Коридорите 8 и 10, а во текот на годината се очекува да се прошири низ целата територија на Република Македонија. Освен статичните камери, Министерството за внатрешни работи ќе поставува и возила со мобилни камери на т.н црни точки.

Од таму велат, овој систем е важна инвестиција во безбедноста на сите граѓани, кој ќе спасува човечки животи. Апелираат, граѓаните да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи.

Поголемиот дел од граѓаните се задоволни што системот ќе почне да функционира. Се надеваат дека со него ќе се стави крај на непрописното возење, кое често резултира со човечки жртви.

Системот ќе ги санкционира сите оние кои не сакаат да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, на сопствена штета и на штета на другите учесници во сообраќајот, велат од ресорното министерство.

Марија Котовска