Економија

Потребен е договор за зголемување на минималецот

31.01.2026 16:32

Работниците и работодавачите да најдат решение за минималецот, Владата е само посредник. Но, за вработени во државната администрација има понуда на маса, синдикатот на УПОЗ да одобри за околу две години да има за 40 насто зголемување на платите, порача премиерот Мицкоски по вчерашниот повик на ССМ в понеделник да го потпишат колективниот договор за повисоки месечни примања.

Нека се одважи гранковиот синдикат УПОЗ да потпише и тогаш и 7.700 државни административци ќе добијат за две години и два месеца зголемување од 40 проценти на плата. Неважно е каде ќе се сретнеме, во ССМ или во Владата ја коментира премиерот Христијан Мицкоски фрлената ракавица од првиот синдикалец Трендафилов, кој побара во понеделник да го потпишат колективниот договор за зголемени плати, односно за минимална од 600 евра.

Мицкоски повтори дека договор е потребен меѓу работодавачите и работниците, а Владата како набљудувач договореното ќе го почитува.

Синдикатите бараат 600 евра минимална плата и 6.000 денари зголемување на сите други. Протестите велат ќе преминат во штрајкови ако не се исполнат барањата.

Социјалдемократите веќе поднесоа предлог-закон во Собранието за покачување на минималната плата. Минималните месечни трошоци на четиричлено семејство, во јануари 2026 година, изнесувале над 66.000 денари. Тоа значи дека ниту две минимални плати не се доволни да се покријат основните потребни на просечно семејство – коментираат во СДСМ.

Миле А. Ристески