Стартува „Безбеден град“: Нема веќе опомени, за прекршок следува казна
Од денеска во Скопје, Куманово, Тетово и на коридорите 8 и 10 започнува примената на системот „Безбеден град“, кој преку камери автоматски ќе ги санкционира сообраќајните прекршоци. Од МВР порачуваат – целта не е казнување, туку спасување животи.

На територија на Скопје, Куманово и Тетово, како и на коридорите 8 и 10, од денеска официјално стартува имплементацијата на системот за автоматско санкционирање на сообраќајни прекршоци „Безбеден град“. Во првата фаза, системот ќе детектира четири типа прекршоци: непрописно паркирање, пречекорување на дозволената брзина, минување на црвено светло и управување возило со истечена сообраќајна дозвола.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, во гостување во Дневникот на МТВ, истакна дека системот не е воведен за финансиски да ги оптовари граѓаните, туку за да придонесе кон намалување на сообраќајните незгоди и спасување човечки животи. Тој информираше и за нов Правилник со кој се зголемува прагот на толеранција при мерење на брзината.
Според новите правила, за брзини до 50 километри на час останува толеранција од 6 км/ч. За брзини од 50 до 100 км/ч, толеранцијата е зголемена на 9 км/ч, додека за ограничување од 100 км/ч, санкционирање ќе има при надминување од 12 км/ч над дозволеното. Камерите нема да евидентираат прекршок во рамки на толеранцијата, но ќе санкционираат при нејзино надминување.
Граѓаните ќе добиваат информативни пораки кога ќе возат над дозволената брзина, но во рамки на законската толеранција
Министерот најави и нов проект, кој ќе се реализира со поддршка на Македонски телеком, со кој граѓаните ќе добиваат информативни пораки кога ќе возат над дозволената брзина, но во рамки на законската толеранција. Овие пораки нема да носат парична казна, туку ќе служат како предупредување за потенцијалните ризици.
Од МВР нагласуваат дека „Безбеден град“ е една од најзначајните инвестиции во сообраќајната безбедност во последните децении и дека системот е насочен кон несовесните возачи. Камерите, велат, не дискриминираат – секој прекршок се третира еднакво.
Глобите за пречекорување на брзината се движат од 20 евра за надминување до 20 км/ч, до 400 евра, казнени поени и забрана за управување за пречекорување над 50 км/ч. Во населени места, казните се построги и можат да достигнат и до 500 евра. За минување на црвено светло предвидена е глоба од 250 евра и забрана за управување, додека за возење со истечена сообраќајна дозвола казната изнесува до 250 евра.
Доколку глобата се плати во рок од осум дена, се плаќа половина од износот, а по истекот на рокот следува целосна наплата, со можност за присилна извршување. Возачите кои ќе добијат три забрани за управување во рок од четири години автоматски ја губат возачката дозвола.
