Европа на работ на нова финансиска бездна

10.09.2014 16:51

Поделена повеќе од кога било, Европа стои на работ на нова финансиска бездна. Европејците се изморени од штедење, но се плашат од банкрот. Сега политичките поделби околу реформите и мерките за штедење директно ја влошуваат кризата.

Европските економски сили Германија и Франција се соочуваат со големи проблеми. Париз ги објави податоците – економски раст е практично на нула, се зголемуваат инфлацијата и јавниот дефицит, нема да биде исполнета ниедна од зацртаните цели на владата. За буџетот за догодина, Франција се реши за опцијата штедење. На удар ќе се најдат државните трошоци и здравствената заштита.

„Првпат во најмалку 4 години никакви општи или посебни мерки нема да го зголемат данокот на приходи на Французите. Тој период заврши. Управувањето со трошоците е неопходност и ќе одиме до крај со планот за заштеда на 50 милијарди евра до 2017-та година, почнувајќи со 21 милион планирани за 2015“, изјави Мишел Сапен, министер за финансии на Франција.

Откако Германија утврди пад на БДП-то од 0,2 %, се погласни се анализите дека земјата може да влезе во рецесија, што значи економски ризик за целата Европска унија, но и за сите економии поврзани со германската. И пред Бундестагот се најде модел на штедење за новиот буџет.

„Нашата стратегија е да избегнуваме нови долгови. Се заложуваме за сигурност и да го исполниме ветеното. Тоа е единствен начин да се задржи довербата во економијата и добрата положба на Германија“, рече Волфганг Шојбле, министер за финансии на Германија.

Германија се соочува со така наречена „црна нула“ – владините трошења се клучен поттик на економијата, но Берлин не планира инвестиции. Тоа ќе доведе до скриени трошоци преку неодржување на инфраструктурата, ќе го намали растот и ќе отвори уште поголема финансиска дупка.

Проблем е и така наречената секуларна стагнација. Во Еврозоната невработеноста се враќа на стариот рекорд од 11,9 проценти. Во Европската унија има речиси 26 милиони невработени. Ова ја намалува потрошувачката, платите стагнираат, Европејците осиромашуваат. Светска банка во најновиот извештај бара вработување за 600 милиони луѓе до 2030 година.