САД ја засилува воената реторика, Иран во состојба на готовност
Трамп тврди дека Иран сериозно преговара со Вашингтон за смирување на ескалацијата. Сепак, САД ја засилуваат воената реторика. Иран возвраќа, ги прогласи европските армии за „терористички групи“.

Техеран е во сериозни разговори со Вашингтон по постојаното зголемување на американските воени сили во Заливот, објави американскиот претседател. Трамп верува дека преговорите ќе донесат нешто прифатливо во момент кога тензиите меѓу двете земји остануваат високи. Во исто време објави дека Индија ќе купува нафта од Венецуела, наместо од Иран и додаде дека и Кина би можела да постигне договор со САД за купување венецуелска нафта.
„Имаме многу големи, моќни бродови што се движат во таа насока, како што знаете. Но, се надевам дека ќе преговараат за нешто што е прифатливо. Ако може да се постигне договор преку преговори што би бил задоволителен, без нуклеарно оружје, тие треба да го сторат тоа. Не знам дали ќе го сторат тоа, тие сериозно разговараат со нас“, изјави претседателот на САД, Доналд Трамп.
Шефот на Белата Куќа се закани дека ќе интервенира во Иран поради нуклеарните амбиции на Техеран и по смртоносното задушување на антивладините протести. Иранските власти возвратија, ќе одговорат на секоја агресија по копно или море. Врховниот лидер предупреди дека секој напад од страна САД би предизвикал регионална војна на Блискиот Исток.
„Овој господин постојано тврди – сме донеле воени бродови и сме направиле ова или она. Мислам дека не треба да ја плашите иранската нација со такви работи, нема да биде засегната од такви забелешки. Таа не се плаши од праведна конфронтација. Ние не сме поттикнувачи и не се стремиме да нападнеме ниту една земја. Но, иранската нација ќе му зададе цврст удар на секој што ќе ја нападне или малтретира. Американците мора да бидат свесни дека ако овој пат водат војна, тоа ќе биде регионална војна“, рече Ајатолах Али Хамнеи, врховен лидер на Иран.
Откако ЕУ ја прогласи Иранската револуционерна гарда за терористичка организација, претседателот на иранскиот парламент изјави дека Исламската Република сега ги смета сите војски на ЕУ за терористички групи.
„Армиите на европските земји се сметаат за терористички групи и Европската Унија е одговорна за последиците од оваа одлука. Со обидот да ја нападнат гардата, која самата по себе е најголемата пречка за ширењето на тероризмот во Европа, Европејците всушност се застрелаа во ногата и уште еднаш преку слепа послушност кон Американците, одлучија против интересите на сопствениот народ“, вели Мохамед Багер Калибаф, претседател на парламентот на Иран.
Во последниве години, западните финансиски санкции сериозно ја оштетија иранската економија, што повремено доведе до улични немири поради зголемувањето на цените и недостигот на клучни стоки и енергетски резерви. Иран е во превирања од декември изминатата година кога демонстранти излегоа на улиците во Техеран со барање властите да преземат мерки за лошата економска состојба. Немирите се проширија низ целата земја и прераснаа во барање за смена на политичкото управување. Во протестите се проценува дека загинале илјадници луѓе.
Маријана Димовска
