Уставните измени на увид кај научната јавност

10.09.2014 17:02

Неодминливо во дискусијата на говорниците се наметна и политичкиот дискурс во земјава во кој што се донесуваат уставните измени. Дилема на дебатата – дали е време за уставни измени?

Науката е за широк консензус на политичките субјекти при донесување на уставните измени. Во такви услови усвојувањето на седумте амандмани би можел да даде ефект на стабилизација на состојбите, смета претседателот на Академијата, Камбовски.

„Може и треба да биде повод за нормализација на односите во Собранието, кое треба да ги исгласа предложените уставни измени за тие да имаат легитимитет и тие да претставуваат основ за понатамошен развој“, вели претседателот на МАНУ, Владо Камбовски.

Универзитетските професори посочуваат дека Уставот претрпел многу измени од неговото донесување.

„Јас исто така сум поборник на концептот за интегрален пристап кон промена на Уставот или ако сакате преиспитување на сегашниот Устав, дали го положил тестот на времето“, вели универзитетската професорка Гордана Силјановска.

За измени се потребни иницијативи од Владата, 30 пратеници или 150 илјади граѓани. Сепак, едногласност дека вклученоста е повеќе од потребна.

Неодминливо во дискусијата на говорниците се наметна и политичкиот дискурс во земјава во кој што се донесуваат уставните измени. Дилема на дебатата – дали е време за уставни измени?

„Легитимитетот на граѓаните и дадената доверба за одредени прашања кои се содржани во програмата на владејачката коалиција не смее да има второстепено значење или да се намали тежината на значењето на овие уставни амандмани заради непостоење на поширок политички консензус“, смета универзитетската професорка Тања Каракамишева Јовановска.

„Има и амандмани коишто треба да бидат зајакот којшто ќе го бркаат медиумите и ќе се води главната дебата околу тоа со цел да се дефокусира вниманието од она  што всушност од Утавот ќе направи монструм во компаративна правна смисла“, вели универзитетската професорка Рената Десковска.

За финанските зони немаше разногласие.

„Финансиската зона би нудела услуги на меѓународниот пазар, значи извоз на услуги, и во тој сегмент не би конкурирала на домашната банкарска и финансиска индустрија. Значи немаме негативни ефекти врз домашниот банкарски сектор“, смета првиот човек на Народната банка на Република Македонија, Димитар Богов.

За воведувањето на уставната жалба,  реформата на судскиот совет, дефинирањето на бракот како заедница на еден маж и една жена и другите измени јавноста ќе дебатира следните 30 дена.

 

Фиљана Кока