САД

Претседателот на Собранието во официјална посета на Вашингтон

02.02.2026 10:32

Африм Гаши ќе учествува на Националниот молитвен појадок (National Prayer Breakfast), еден од најзначајните традиционални настани во Соединетите Американски Држави, како и ќе оствари средби со американски конгресмени и претставници на меѓународни партнерски организации.

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, од денеска до 7 февруари ќе престојува во официјална посета на Вашингтон.

За време на посетата, Гаши ќе учествува на Националниот молитвен појадок (National Prayer Breakfast), еден од најзначајните традиционални настани во Соединетите Американски Држави, како и ќе оствари средби со американски конгресмени и претставници на меѓународни партнерски организации. Фокусот на разговорите ќе биде насочен кон зајакнување на институционалното и политичкото партнерство.

Во рамки на посетата, претседателот на Собранието ќе се обрати и на Форумот за безбедност во Американскиот конгрес, на кој ќе учествуваат лидери од европските земји и претставници на Конгресот. На форумот ќе се дискутира за инвестициите во одбраната, регионалната безбедност и трансатлантското партнерство.

Гаши ќе учествува и на панел-дискусија во рамки на конференцијата „Balkans Forward Summit“, организирана од Атлантскиот совет.