Свет

Куба пред енергетски колапс по прекинот на испораките на нафта, Трамп најави договор со властите

02.02.2026 10:13

Шефот на Белата куќа најави договор со Куба. Хавана се соочува со хуманитарна катастрофа поради недостиг на нафта. Земјата е без струја и по 12 часа дневно. По соборувањето на венецуелскиот претседател Мадуро, Трамп ги запре испораките на венецуелска нафта и се закани со царини за земјите што и продаваат енергенси на Хавана. Се проценува дека карипската земја минува низ една од најтешките економски кризи.

По бројните закани, американскиот претседател навести договор со кубанските власти. Откако беше соборен од власт претседателот на Венецуела, Мадуро, Трамп ги запре испораките на венецуелска нафта за Куба и потпиша извршна наредба за воведување тарифи за земјите што и продаваат енергенси на Хавана. Во изминатите години, испораките на нафта, освен од Венецуела беа надополнувани со набавки од Русија и Мексико.

„Па, Куба е неуспешна нација. Така е веќе долго време. Но сега ја нема Венецуела да ја поткрепи. Затоа разговараме со највисоките претставници на Куба. Ќе видиме што ќе се случи. Сакам луѓето што дојдоа тука, а со кои Куба се однесуваше ужасно, да бидат згрижени, да можат да се вратат кај нивните семејства таму кои не можеле ги видат многу, многу години. Затоа ќе склучам договор со Куба која е во лоша состојба“, изјави американскиот претседател, Доналд Трамп.

Се проценува дека Карипската земја минува низ една од најтешките економски кризи од 1959 година наваму, кога по револуцијата беше воспоставен режимот на Фидел Кастро.

„Светот се претвори во Див Запад. Кога бев млад, сега имам 90 години, гледав филмови каде што ги користеа своите оружја за да ги убијат Индијанците и да заземаат имоти. Ова е духот на новиот шериф на светот, Трамп“, вели.

„Куба е закана за Кубанците, а не за Соединетите Американски Држави. За нас Кубанците тука, владата е заканата. Мерките што ги презема Доналд Трамп се тешки бидејќи ќе влијаат на луѓето, а не на владата“, додава друг.

Еден од најважните трговски партнери на САД, Мексико претпазливо најави нови пратки хуманитарна помош за Хавана.

„Секако, не сакаме да ризикуваме да се воведат повеќе тарифи врз Мексико, туку едноставно да бараме, преку дипломатски канали, рамка за дијалог и комуникација што ќе спречи сериозна ситуација за кубанскиот народ, кој веќе се соочува со многу тешки услови“, изјави Клаудија Шајнбаум, претседателка на Мексико.

Загриженост поради зголемените тензии меѓу Вашингтон и Хавана изрази и Папата Лав 14 и ги повика сите страни да промовираат искрен и ефикасен дијалог.

„Со голема загриженост ги примив вестите за зголемување на тензиите меѓу Куба и Соединетите Американски Држави, две соседни земји. Се обединувам со пораката на кубанските бискупи, поканувајќи ги сите одговорни да промовираат искрен и ефикасен дијалог за да се избегне насилство и каква било акција што може да го зголеми страдањето на драгиот кубански народ“, порача Папата Лав 14.

Во 2015 година, САД и Куба ги обновија дипломатските односи по цели 54 години.

Маријана Димовска