Свет

Трамп најави договор со Куба

02.02.2026 16:03

Шефот на Белата куќа најави договор со Куба. Хавана се соочува со хуманитарна катастрофа поради недостиг на нафта. Земјата е без струја и по 12 часа дневно. Се проценува дека карипската земја минува низ една од најтешките економски кризи. По соборувањето на венецуелскиот претседател Мадуро, Трамп ги запре испораките на венецуелска нафта и се закани со царини за земјите што ѝ продаваат енергенси на Хавана.

По бројните закани, американскиот претседател навести договор со кубанските власти. Откако беше соборен од власт претседателот на Венецуела, Мадуро, Трамп ги запре испораките на венецуелска нафта за Куба и потпиша извршна наредба за воведување тарифи за земјите што и продаваат енергенси на Хавана.

„Па, Куба е неуспешна нација. Така е веќе долго време. Но сега ја нема Венецуела да ја поткрепи. Затоа разговараме со највисоките претставници на Куба. Ќе видиме што ќе се случи. Затоа ќе склучам договор со Куба која е во лоша состојба“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.

Се проценува дека карипската земја минува низ една од најтешките економски кризи од 1959 година наваму, кога по револуцијата беше воспоставен режимот на Фидел Кастро.

„Светот се претвори во Див Запад. Кога бев млад, сега имам 90 години, гледав филмови каде што ги користеа своите оружја за да ги убијат Индијанците и да заземаат имоти. Ова е духот на новиот шериф на светот, Трамп.“

„Куба е закана за Кубанците, а не за Соединетите Американски Држави. За нас Кубанците тука, владата е заканата. Мерките што ги презема Доналд Трамп се тешки бидејќи ќе влијаат на луѓето, а не на владата.“

Еден од најважните трговски партнери на САД, Мексико претпазливо најави нови пратки хуманитарна помош за Хавана.

„Секако, не сакаме да ризикуваме да се воведат повеќе тарифи врз Мексико, туку едноставно да бараме, преку дипломатски канали, рамка за дијалог и комуникација што ќе спречи сериозна ситуација за кубанскиот народ, кој веќе се соочува со многу тешки услови“, рече Клаудија Шајнбаум, претседателка на Мексико.

Загриженост поради зголемените тензии меѓу Вашингтон и Хавана изрази и Папата Лав 14 и ги повика сите страни да промовираат искрен и ефикасен дијалог.

„Се обединувам со пораката на кубанските бискупи, поканувајќи ги сите одговорни да промовираат искрен и ефикасен дијалог за да се избегне насилство и каква било акција што може да го зголеми страдањето на драгиот кубански народ“, нагласи Папата Лав 14.

Во 2015 година, САД и Куба ги обновија дипломатските односи по цели 54 години.

Маријана Димовска