В четврток платите на маса пред Владата и УПОЗ
Празно столче спроти синдикалецот Трендафилов во седиштето на ССМ. Владата договори средба в четврток со УПОЗ за зголемување на платите на административците за 40 проценти...

В четврток попладне синдикалците ќе седнат на иста маса со премиерот и министрите и ќе преговараат за раст на платите, потврдија од Владата. Оттаму додаваат дека закажаната средба е „конкретен доказ дека Владата не бега од дијалог, туку инсистира да биде сериозен, суштински и насочен кон резултати“. Социјалниот дијалог, велат, се води во институциите, со јасен план и реална намера за изнаоѓање решенија.
„Не знаеме кого Трендафилов чекал, сместувајќи се во празна сала, но едно е кристално јасно, социјалниот дијалог за нас е сериозна и одговорна државна политика, а не средство за политички театар и парадерство пред камери. Јавноста треба да знае дека средбата на премиерот Мицкоски со претставници на синдикатот УПОЗ е закажана и ќе се одржи во Владата во четврток во 16:45 часот“, велат од Владата.
Претходно, од ССМ обвинија дека Владата не сакала да се заложи за раст на платите, за што излегоа и на протест.
Бизнисмените, пак, остануваат на ставот дека до решение ќе се дојде преку дијалог, а не со протести.
Премиерот веќе кажа дека за 7.800 работници што се дел од јавната администрација се подготвени за зголемување на платите од 40% во период од 26 месеци.
Борис Грујоски
