Тројца сведоци раскажаа за кобната ноќ во „Пулс“
Огнот се ширеше со брзина, задниот влез беше затворен. Тројца сведоци раскажаа за кобната ноќ во „Пулс“. Од шанкерите само двајца се спасиле, другите починале. По одлуката за полицајците, адвокатот на одбраната Шилегов бара стопирање на постапката.

Да се запре судењето за дел од обвинетите кои не се директно поврзани со пожарот во кочанската дискотека, побара адвокатот Петре Шилегов откако обвинителството го запре кривичниот прогон за седуммина полицајци за кои истрагата покажала дека немаат ингеренции да ги контролираат безбедносните мерки на „Пулс“. Тој смета дека обвинителството за ист случај носи две контрадикторни одлуки, а запирањето на процесот не само што е правно издржано, туку и ќе ги намали трошоците на постапката, бидејќи едно рочиште чини 150 илјади евра.
Шанкерот Дејан Манасиев рече дека 13 години работел во дискотеката, најчесто на црно, непријавен и платен во кеш. Потврди дека и претходно се користеле прскалки, но за употребата на пиротехника било ангажирано стручно лице.
„Во клубот имаше околу 500 посетители. Пожарот брзо се прошири и имаше малку простор за реакција. Голем дел од гостите снимаа и фотографираа со телефоните, не сфаќајќи ја сериозноста на ситуацијата. Се спасивме само јас и уште една шанкерка, за жал 6-7 колеги починаа.“
Семејствата на жртвите тврдат – исказот на сведокот е различен од тој даден во истрага.
Сведокот Петар Марковски, кој бил релативно чест гостин во клубот потврди дека пиротехниката била чест декор во настапите на пејачите, а во дискотеката доаѓале и малолетници.
„Таванот беше од сунѓер, па огнот брзо се прошири. Имаше густ чад, поради што се онесвестив. Ми помогна една пријателка која ме разбуди, но бев заглавен. Врз мене имаше тројца кои беа во бессознание. Успеав да излезам. Се лекував во Словенија каде утврдија дека белите дробови ми се сто насто црни и имам изгореници на дишните патишта.“
Судењето продолжува со распит на сведоци на обвинителството.
Анита Димитријевска – Велковска
