Алиу ја доби оставката на Кедев
Додека јавноста чека одговори дали биле извршувани непотребни кардиолошки интервенции, до министерот Алиу пристигна оставката од здравствениот совет на доктор Кедев, кој му се заблагодари за стручниот придонес. Кедев посочи дека некомпетентни кадри ги спроведуваат контролните процеси. Тимот од доктори сè уште не се состанал, но министерот ги објави нивните имиња.

Министерот за здравство Азир Алиу му се заблагодари за стручниот придонес во здравствениот совет на кардиологот Сашко Кедев, без да прецизира што мисли за неговото повлекување. Засега средба меѓу Алиу и Кедев не се одржала. Оставката преку архивата на Министерството е доставена на 23-ти јануари, кај министерот стигна по една недела.
„Документот со кој проф. д-р Кедев известува дека се повлекува од работата на здравствениот совет е заведен во архивата на Министерството на 23 јануари 2026 година. Во моментот кога од министерството беше даден одговор на новинарски прашања (31.01.2026), овој документ не беше доставен до министерот за здравство Азир Алиу, а кој согласно со Законот за здравствена заштита е надлежен за утврдување на составот на здравствениот совет“, велат од Министерството за здравство.
Некомпетентни кадри ги спроведуваат контролните процеси – посочува Кедев во оставката. Забелешките се за странските експерти кои треба да ги проверат наодите на домашната комисија која утврдила дека од 19 анализирани случаи, кај 10 пациенти се непотребно извршени операции на срце.
Тимот од тројца странски експерти сè уште не се состанал – предвиден е онлајн состанок со домашната комисија. Министерството за здравство откри дека станува збор за кардиохирург од Италија, кардиоваскуларен хирург и интервентен кардиолог од Словенија.
Опозициската СДСМ вели, повлекувањето на Кедев го разоткрива сценариото за заташкување на најстрашниот криминал во македонското здравство и го поврзува со клеветите на доктор Жан Митрев кон нивниот претседател Венко Филипче.
Лани кон крајот на летото кардиологот Сашко Кедев објави дека во приватните болници се вршеле операции на срце без медицинска индикација за поголем профит. Формирана беше интерна комисија која констатираше дека 10 пациенти непотребно биле оперирани.
Андријана Ѓурческа
