Сиљановска-Давкова: Во науката нема мали и големи држави, туку мали и големи идеи
На еминентниот собир, на кој учествуваат околу 150 врвни научници, меѓу кои и Нобеловци и лидери на истражувачки институции од целиот свет, претседателката истакна дека во време на подем на вештачката интелигенција, образованието повеќе не може да се сведува на еднонасочно пренесување и помнење факти.

Промената во светот бара промена во образованието и гледање на реалноста низ очите на новите генерации, порача претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во своето обраќање на Светскиот самит на лауреати, што денеска се одржува во Дубаи, во пресрет на Светскиот самит на владите.
На еминентниот собир, на кој учествуваат околу 150 врвни научници, меѓу кои и Нобеловци и лидери на истражувачки институции од целиот свет, претседателката истакна дека во време на подем на вештачката интелигенција, образованието повеќе не може да се сведува на еднонасочно пренесување и помнење факти.
Таа нагласи дека фокусот мора да се префрли на развој на критичко и креативно размислување, при што вештачката интелигенција треба да биде составен дел од новиот образовен модел.
„Вештачката интелигенција не може и не треба да биде забранета, но мора да биде регулирана, бидејќи носи и бројни ризици, меѓу кои и зависноста“, рече Сиљановска-Давкова.
Според неа, образованието треба да се насочи и кон менталната стабилност, емоционалната интелигенција, како и етичкото и моралното расудување – области во кои, како што посочи, вештачката интелигенција има ограничувања.
„Ни е потребен глобален консензус дека вештачката интелигенција, и во образованието и во секојдневниот живот, мора да биде транспарентна, фер и водена од човекот. Таа мора да биде алатка, а не господар“, порача претседателката.
Сиљановска-Давкова оцени дека промена на парадигмата е неопходна и во македонскиот образовен систем, потенцирајќи дека земјата располага со значаен научен и човечки потенцијал.
„Верувам дека во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи. Имаме научници кои се меѓу првите два процента од најцитираните во светот, како и жени во STEM кои ги надминуваат регионалните и европските просеци. Имаме талент и потенцијал, но ни е потребна меѓународна соработка, поддршка и совет“, истакна таа.
Во таа насока, претседателката порача дека Македонската академија на науките и уметностите, универзитетите и факултетите се отворени за заеднички истражувачки и развојни проекти од заемен интерес.
