Зеленски оптимист за можен траен договор за мир со Русија
Мировните разговори меѓу Русија, Украина и САД продолжуваат утре во Абу Даби. Трамп се надева на добри вести...

Украинскиот претседател Зеленски изрази умерен оптимизам дека е можен траен и достоинствен мир со Русија, истакнувајќи ја клучната улога на САД. Откри дека е подготвен документ со Вашингтон за безбедносни гаранции по војната и дека се работи на планови за економска обнова. Мировните разговори меѓу Русија, Украина и САД продолжуваат утре во Абу Даби. Трамп се надева на добри вести.
„Нашата делегација е веќе на пат, ќе се одржат состаноци, не само во трилатерален, туку и во билатерален формат со Америка. Важно е што во овој момент Америка решително го поддржува дијалогот и работи со руската страна за нападите, за да не го нарушат она што може да се постигне“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
„Решивме осум војни и мислам дека ќе се справиме многу добро со Украина и Русија. За прв пат мислам дека можеби ќе имаме некои добри вести“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.
Во меѓувреме, Русија изврши ракетен напад врз Киев, означувајќи го крајот на договорената пауза меѓу Трамп и Путин за нападите врз големите градови. Оштетени се станбени згради и детска градинка, има пријавени повредени, а напади имало и врз Дњепар и Харков.
