Руски масовни напади наспроти мировни напори
Украина и САД утре во Абу Даби ги продолжуваат разговорите за постигнување договор за мир во Украина. Зеленски умерен оптимист. Смета дека за тоа клучна улога има Вашингтон. Во меѓувреме, Русија со нови ракетни напади врз Киев …

Русија продолжи со масовни воздушни напади низ Украина удирајќи врз Киев со ракети и дронови, и ставајќи крај на краткото привремено примирје договорено со САД. Оштетени се станбени згради и детска градинка, има повредени, а многу жители останаа без струја и греење при – 20 °C. Удари претрпеле и Дњепар, Харков и Суми. Украинскиот шеф на дипломатијата го обвини Путин дека го искористил студот за напад на енергетскиот систем.
„Ниту очекуваните дипломатски напори во Абу Даби неделава, ниту неговите ветувања кон САД не го спречија да продолжи со теророт врз обичните луѓе во најсуровата зима. Се справуваме со терористи кои мора да бидат принудени да го запрат насилството. Светот ги има алатките. Зголемете го притисокот врз Москва“, објави Андриј Сибиха, министер за надворешни работи на Украина.
Ударите доаѓаат непосредно пред продолжението на утрешните мировни разговори меѓу Украина, Русија и САД во Абу Даби. Зеленски изрази умерен оптимизам дека е можен траен и достоинствен мир, истакнувајќи ја клучната улога на Вашингтон. Откри дека е подготвен документ со САД за безбедносни гаранции по војната и дека се работи на планови за економска обнова.
„Ова покажува дека кога има мотивација во Америка да се промени ситуацијата, таа може да се промени. Нашата делегација е веќе на пат, ќе се одржат состаноци, не само во трилатерален, туку и во билатерален формат со Америка. Важно е што во овој момент Америка решително го поддржува дијалогот и работи со руската страна за нападите, за да не го нарушат она што може да се постигне“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Трамп за првпат верува во добри вести во врска со украинското решение.
„Имаме многу работа. Решивме осум војни и мислам дека се справуваме многу добро со Украина и Русија. За првпат. Мислам дека можеби ќе имаме некои добри вести“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.
Во преговорите и натаму остануваат нерешени територијалните прашања. Од Кремљ потврдија дека процесот е комплициран истовремено категорично отфрлајќи ја можноста за распоредување трупи на ЕУ или НАТО на украинска територија како дел од безбедносните гаранции за Киев.
„Ова е многу сложен мултивекторски процес. Се зближивме по некои прашања бидејќи имаше дискусии и разговори. За некои прашања е полесно е да се најде заедничка основа, но има прашања за кои сè уште не сме ги приближиле ставовите. Тоа е многу комплициран процес“, изјави Дмитриј Песков, портпарол на Кремљ.
Во исто време, регулативата за постепено прекинување на увозот на руски гас во ЕУ стапува во сила денеска, потврди Европската комисија, додека Унгарија поднесе тужба до Судот на правдата на ЕУ за нејзино поништување.
Бојана Крстевски
