Проектот „Безбеден град“ го смири сообраќајот
Проектот „Безбеден град“ го смири сообраќајот во Скопје, оценува Републичкиот совет за безбеденост на патиштата.Бројот на прекршоци е намален. Вчера во главниот град, Куманово и Тетово се регистрирани околу 650 прекршоци, најголемиот дел за надминување на брзината. Изречени се 58 забрани за управување возило. Граѓаните се навикнуваат дека заврши времето на опомени и оти се казнува за непочитување на сообраќајните правила.

651 прекршок регистрирала камерата на „Безбеден град“ на вториот ден од почетокот на казнувањето преку новиот систем. 585 возачи не ја почитувале брзината, 50 поминале на црвено, 16 возила биле нерегистрирани. Изречени се 58 забрани за управување со моторно возило.
Значително е подобрена состојбата во сообраќајот, оценува Републички совет за безбедност на патиштата. Оттаму велат дека е потребно да се изгради сообраќајна култура, толеранција, да се почитува првенството на минување.
„Мора да се работи и на едукација и на системските решенија“, велат од Советот.
Институциите се координираат и за воведување на таканаречениот зелен бран за побрз протокол на возилата.
178 километри на час е максималната брзина која ја забележале камерите на „Сејф сити“ вториот ден од кога стапи на сила новиот закон.
Ана Јосифоска
