МОН

ФИНКИ ги презема незавршените објекти на УКИМ

03.02.2026 16:46

Објектите кои цела деценија зјаат незавршени во кампусот на УКИМ ќе бидат изградени по нов проект. И двата ќе ги добие ФИНКИ. Факултетот за физичко образование со нова зграда на постојната локација.

По една деценија застој, недовршените згради кај ректоратот на УКИМ ќе се доградуваат и ќе станат нов дом на ФИНКИ.

По години стагнација и „замрзнато“ градилиште во срцето на универзитетскиот кампус, Mинистерството за образование и наука го отвора процесот за довршување на двата објекта. Според планот, објектите ќе се доделат на ФИНКИ, додека Факултетот за физичка култура ќе добие нов објект на неговата сегашна локација. Студентите на ФИНКИ последните години користеа туѓи простории кои факултетот ги изнајмуваше, и време е да се стави крај на тоа, рече за МТВ министерката за образование и наука, Весна Јаневска.

„Во моментот се прави евалуација на распишаниот тендер за репроектирање на двете згради наречени ФИНКИ и ФФК кои отсега ќе бидат ФИНКИ и откако ќе се заврши тој тендер тоа репроектирање би можело да биде готово есента и ако е така ние пред крај на година би можеле да распишеме тендер за изведувач на изградбата на двете згради“, изјави министерката Весна Јаневска.

Работно тело раководено од Градежниот факултет на терен ја утврдувал моменталната состојба и дали може да се продолжи со изградбата. Констатирано е дека конструкцијата може да послужи за понатамошна изградба на објектите, вели деканот на Градежниот факултет.

Процесот на проектирање би требало да заврши до есен. За две години од почетокот на изградбата, овие објекти ќе можат да бидат пуштени во употреба, вели Марковски.

 

Александра Спировска