Судство

Филков најави ресетирање на судството

03.02.2026 18:55

Министерот за правда Филков најави целосно ресетирање на судството. Недостигот од кадар и ограничениот буџет и натаму проблем. Потребна е подобра организација, дигитализација, финансиска и политичка независност на судскиот систем...

Не напишана на хартија, туку суштинска независност, како клучен елемент во борбата против корупцијата и криминалот, став на претседателот на Врховниот суд, Фидани. Упати критика за донесувањето закони без учество на судиите и Врховниот суд и укажа дека за да чувствуваат граѓаните дека живеат во правна држава каде се суди независно, без разлика кој добива казна, судиите треба да се заштитени пред сè од политички влијанија што е задача на Судскиот совет. Но, вели, и самите судии треба да се отпорни.

Евроамбасадорот во земјава, Рокас, со јасна порака до властите – Европската унија очекува да се создадат услови за одржливост на главните принципи за независно судство, клучно за членство во Унијата.

„Независно судство значи судиите и обвинителите да одлучуваат во предметите ослободени од политички притисоци или влијанија и интервенции од други центри на моќ“, истакна евроамбасадорот Михалис Рокас.

Добредојдена е секоја позитивна критика за да се придвижат работите, реагираше ресорниот министер Филков. Посочи дека состојбите се алармантни и дека дигитализацијата ќе биде исчекор кон подобро.

Реформата во судството согласни се сите дека подразбира потреба од постојано развивање и унапредување на концептот за независно, самостојно и ефикасно судство.

Фиљана Кока