Состанок ЕУ – Западен Балкан за транспортерите
По блокадите на транспортерите поради системот за влез и излез од ЕУ, министрите од шесте држави од Западен Балкан на состанок со европските претставници. На состанок се разговараше за надминување на проблемите со кои се соочуваат транспортерите во земјите на шенген-зоната како и изнаоѓање на долгорочни решенија за превозниците...

Министрите за транспорт и внатрешни работи и заменик-министерката за европски прашања, Николоски, Тошковски и Трајков на онлајн состанокот со директорката на Директоратот за проширување, Валентина Суперти разгледувале долгорочни решенија за надминување на проблемите со превозниците од Западен Балкан во шенген-зоната.
„Во очекување на трајно решение, потребно е Европската комисија реално да го идентификува проблемот со транспортниот сектор и непречениот транспортен тек и во најскоро време да имплементира соодветни мерки кои ќе обезбедат предвидливост и непречена работа на транспортните компании кои работат во меѓународниот патен сообраќај“, истакна министерот Николоски.
Од Европската комисија ја потенцирале важноста на транспортниот сектор и влијанието врз целокупната економија и најавиле целосна посветеност во изнаоѓањето на трајно прифатливо решение, во интерес на сите засегнати страни.
„Европската комисија ја потврди новата визна стратегија на ЕУ во која превозниците се прифатени како професионалци и дека се разгледува можноста оваа категорија на работници да биде третирана исто како и пилотите и машиновозачите“, истакнаа претставниците од Европска комисија.
Македонските превозници веруваат дека ова решение ќе им овозможи непречена работа во шенген-зоната.
На состанокот било потврдено дека задолжителната биометриска евиденција преку електронскиот систем за влез и излез наместо од април се одложува до септември оваа година. Во меѓувреме ќе се формира работна група на експертско ниво која следната недела треба да се состане и да ги материјализира заклучоците од состанокот на високо ниво.
Проблемот со превозниците се појави со воведувањето на засилена контрола на границите на ЕУ со воведувањето на системот за влез и излез.
Ирина Гелевска
