Вардар триумфално во Борик
Во легендарната сала Борик во Бања Лука вардарци само на почетокот му дозволија минимално водство на Борац, за потоа се да биде под знакот на шампионот во СЕХА...

Нова, рутинска, супериорна победа на ракометарите на Вардар во СЕХА регионалното натпреварување за три од три на стартот на новата сезона и за израмнување на врвот на табелата со унгарски Веспрем како најдобра најава за нивниот меѓусебен дуел в сабота со пренос на МРТ.
Во легендарната сала Борик во Бања Лука вардарци само на почетокот му дозволија минимално водство на Борац, за потоа се да биде под знакот на шампионот во СЕХА.
На средината на првото полувреме Вардар го презеде водството со 6-5 и не запре до крајот. На полувреме водеше со 15-9, исклучувањата на Растворцев и по црвениот картон на Дибиров за момент го вратија Борац во игра откако намали на 18-14, но веднаш потоа нов налет на Вардар и највисоки 10 голови разлика за на крај да бидат преточени во победа со 31-22.
Милиќ блескаше на голот со 16 интервенции, Марковиќ запиша 7, а Лазаров 5 погодоци, сите во првото полувреме, додека во домашниот состав Обрадовиќ беше најефикасен со 5 погодоци. Во рамките на 2 коло во регионалното натпреварување се одигра и натпреварот меѓу Раднички и Војводина што заврши без победник 24-24.
