Здравство

Работна група ќе го проверува случајот со испраќањето човечки мозоци од Македонија во САД

03.02.2026 17:05

Министерот за здравство, Азир Алиу открива – формирана е работна група за случајот со испраќањето човечки мозоци во сад за научни истражувања. Целта е да се провери дали за таквите активности имало документација. Надлежните најавуваат транспарентност. Во проектот учествувале и други институции...

Министерот за здравство вели и кога има официјални и неофицијални информации во министерството ги анализираат бидејќи темата здравје е сензитивна и дека целиот фолдер го има симнато и го анализираат во министерството.

Иако временската дистанца е неколку децении, министерот за здравство изјави дека формирал работна група да испита дали се запазени процедурите за прибирање и испраќање мозоци во САД на Универзитетот Колумбија. Во Министерството за здравство се бараат документи за оваа научно-истражувачка дејност.

Според инволвираните во оваа научно-истражувачка дејност, се работело за проект од кој никој не остварил финансиски бенефит. Лекарите во Македонија добиле можност да одат во Америка на едукација, да работат на научни трудови, а сознанијата што ги добиле се значајни за медицината. Во извештај на Одделот за психијатрија при Универзитетот Колумбија, стои дека и други институции од земјава биле вклучени во истражувањата, како психијатриските болници во Скопје, Демир Хисар и Негорци, како и Медицинскиот факултет.

„Министерството за здравство нема директни надлежности во спроведувањето на научно-истражувачката дејност. Од Медицинскиот факултет сме информирани дека научно-истражувачката работа е предмет на ригорозно нормативно регулирање, во посочениот временски период законската обврска за чување на оваа документација била 15 години, а од 2018 наваму законската обврска за чување на документацијата е 25 години. Постапката за транспорт на ткива во тој временски период се состоела од: информирана согласност на семејството, по што следувала одлука од Етичка комисија за истражување кај луѓе, за постапката да продолжи со дозвола за извоз на ткива од тогашно Биро за лекови, во кое прецизно се наведува дека ткивото е за научноистражувачка дејност и за кои цели се користи материјалот“, велат од Министерството за здравство.

Професорот Алексеј Дума, кој тогаш бил прв човек на Институтот за судска медицина вели дека Етички комитет одлучувал за испраќањето на ткивата. Годишно се испраќале по десетина од пациенти со шизофренија, депресија, како и од пациенти кои извршиле самоубиство. Актуелниот директор на Судска медицина, пак, рече дека во институцијата нема договор за научна соработка во којашто се испраќаат ткива или органи. Македонија се најде во документите што американското Министерство за правда ги објави јавно, а се однесуваат на починатиот милијардер осуден за трговија со бело робје, педофилија и силувања, Џефри Епстин.

Наташа Јанчиќ- Менковски