Лекарите со поддршка за законот против пушење, угостителите бараат одложување
Уште не влезен во сила, законот за пушење ја бранува јавноста. Угостителите бараат одложување, следната недела ќе имаат средба со надлежните. Лекарите, пак, со став дека решението што поскоро треба да почне да се применува поради штетноста на цигарите...

Со новиот закон ќе се заштити здравјето на граѓаните, особено на младите – велат пулмолозите. Ппеедупредуваат дека се повеќе тинејџери на 12 годишна возраст почнуваат со консумирање тутун, особено на електронските цигари кои се поштетни од обичните.
„Иако има пропаганда дека тие воопшто не се штетни, напротив, тие се штетни и даваат долготрајни и тешки последици за нежните бели дробови на децата. Даваме поддршка затоа што ова не е казна, туку сакаме директно да ги заштитиме како помладите така и возрасните луѓе бидејќи една од основните причини за појава на белодробен карционом е никотин, односно пушење цигари“, вели д-р Оливер Зафировски – директор на Клиниката за пулмологија.
На Клиниката за пулмологија има психолог кој работи со пациентите за одвикнување од никотинската зависност, но ретко кој се откажува. Кај лицата со ХОББ, астма и други хронични заболувања, никотинот и тутунот ја влошуваат здравствената состојба.
Се проценува дека половина од популацијата во земјава е зависна од цигари.
Новиот закон за пушење предвидено е да стапи на сила на 1-ви март. Со него се забрануваат сите видови цигари, вклучително и електронските. Нема да можат да се пушат цигари во угостителски објекти, пред државните институции, болници, градинки, училишта, студентски домови. Казниво ќе биде и доколку запалите цигара на автобуска постојка.
Пред стапување во сила, се огласија угостителите – бараат прво кампања, а потоа примена на законот за пушење, односно решението да се пролонгира за одреден период. Идната недела министерствата за економија и за здравство ќе ги разгледуваат сите можности и ќе донесат одлука прифатлива за сите засегнати страни.
Андријана Ѓурческа
