Украина

Нова рунда мировни преговори меѓу Украина, Русија и САД во Абу Даби

04.02.2026 09:57

По синоќешните масовни руски напади, Зеленски обвини дека Москва го прекршила енергетското примирје, што предизвикало прилагодувања во работата на украинската делегација...

Нова рунда мировни преговори меѓу Украина, Русија и САД во Абу Даби. Се очекува да се отворат територијалните прашања кои остануваат клучна пречка. По синоќешните масовни руски напади, Зеленски обвини дека Москва го прекршила енергетското примирје, што предизвикало прилагодувања во работата на украинската делегација. Очекува одговор од САД, оценувајќи дека Русија не ја сфаќа дипломатијата сериозно.

„Очекуваме одговор од САД на руските напади. Не поминаа ниту четири дена од неделата, а нивните зборови се веќе прекршени, што може да се очекува понатаму? Облогот на Русија за војна мора да добие одговор од светот“, изјави Володимир Зеленски – претседател на Украина.

Генералниот секретар на НАТО тврди дека Украина е подготвена за договор со Русија, но само доколку тој биде прифатлив за сите страни, иако и тој ја нагласи руската несериозност во мировните напори.

„Директните разговори се во тек и ова е важен напредок. Но, нападите на Русија, како оние синоќа, не сигнализираат сериозност за мир“, изјави Марк Руте – генерален секретар на НАТО.

Трамп, иако малку разочаран, сепак не е изненаден од последниот руски напад врз Киев. Вели дека Путин си го одржал зборот.

„Договорот беше од недела до недела. Тој го одржа зборот-една седмица, ќе прифатиме сè, бидејќи таму е навистина ладно, но секако би сакал да ја заврши војната“, изјави Доналд Трамп – претседател на САД.