САД: 13 години од терористичките напади од 11-ти септември

11.09.2014 10:17

На 13 годишнината од нападите Американскиот претседател Барак Обама најави дека САД ќе ја прошират воената кампања со напади од воздух врз борците на исламистичката група „Исламска држава“, без разлика каде и да се наоѓаат тие...

САД денеска одбележуваат 13 годишнина од нападите од 11 септември 2001-та во Њујорк и Вашингтон, во кои загинаа речиси 3.000 лица. Комеморативни церемонии ќе бидат одржани во Њујорк и Вашингтон, каде пред 13 години авиони управувани од терористи, удрија во кулите-близначки на Светскиот трговски центар и во зградата на Пентагон.

Во знак на сеќавање на жртвите Меморијалниот плоштад 9/11, за првпат годинава ќе биде отворен за јавноста во периодот од 18 до 22 часот по локално време. Претходно, тој беше достапен само за семејствата на жртвите во нападите.

Претпладнето на 11-ти септември 2001-ва , 19 терористи поврзани со глобалната терористичка мрежа „Ал Каеда“, киднапираа четири патнички авиони. Двата авиона самоубијците ги насочија кон двете кули на Светскиот трговски центар во јужниот дел од Менхетен во Њујорк. Третиот авион беше урнат врз Пентагон во Вашингтон, а четвртиот во Пенсилванија.

На 13 годишнината од нападите Американскиот претседател Барак Обама најави дека САД ќе ја прошират воената кампања со напади од воздух врз борците на исламистичката група „Исламска држава“, без разлика каде и да се наоѓаат тие. Истакна дека проширувањето на кампањата ќе биде спроведено долж ирачката граница и со цели на Исламска држава во Сирија.

Во директно телевизиско обраќање до нацијата Обама потенцира дека САД нема да се колебаат да ги нападнат исламистите во Сирија и нема да дозволат тие да најдат безбедно засолниште.

Активностите на САД во борбата против исламистите не предвидуваат испраќање на војници за копнени акции, истакна Обама.

 

Лидија Чакар