Во Абу Даби нов обид за почеток на мировни преговори меѓу Русија и Украина
Во Абу Даби, нов обид за почеток на мировни проговори за окончување на војната во Украина. За Зеленски, вчерашните масовни руски напади, не влеваат надеж дека Москва сака мир. Трамп е убеден дека ќе се постигне договор за крај на војната...

Нова рунда мировни преговори меѓу Украина, Русија и САД во Абу Даби. Украинскиот претседател Зеленски објави дека делегацијата на Киев седнува на маса со променета стратегија, откако Москва го прекршила енергетското примирје со синоќешните масовни напади. Оцени дека Русија не ја сфаќа дипломатијата сериозно и побара одговор од САД.
„Очекуваме одговор од САД на руските напади. Не поминаа ниту четири дена од неделата, а нивните зборови се веќе прекршени, што може да се очекува понатаму? Облогот на Русија за војна мора да добие одговор од светот“, изјави Володимир Зеленски на Украина.
Шефот на Белата куќа Трамп, иако разочаран, не е изненаден од последниот руски напад врз Киев.
„Договорот беше од недела до недела. Тој го одржа зборот-една седмица, ќе прифатиме сè, бидејќи таму е навистина ладно, но секако би сакал да ја заврши војната“, истакна американскиот претседател, Доналд Трамп.
Шефот на НАТО тврди дека Украина е подготвена за договор со Русија и најави три нивоа безбедносни гаранции за Киев по војната – зајакната украинска армија, коалиција на подготвените, предводена од Франција и Британија и директна поддршка од САД – за да се одврати Русија од нов напад. Руте сепак, ја нагласи руската несериозност во мировните напори.
„Директните разговори се во тек и ова е важен напредок. Но, нападите на Русија, како оние синоќа, не сигнализираат сериозност за мир“, изјави генералниот секретар на НАТО, Марк Руте.
Францускиот претседател Макрон најави подготовки за разговори со рускиот лидер Путин за завршување на војната во Украина, но нагласи дека Русија „не е подготвена“ за мировен договор во блиска иднина. Досегашните дипломатски рунди не донесоа решение, а главниот проблем остануваат територијалните прашања и одбивањето на Русија за распоредување на ЕУ или НАТО трупи на украинска територија.
Бојана Крстевски
