Во Абу Даби се одржува нова рунда мировни преговори меѓу Украина, Русија и САД
Во сенка на продолжените руски напади, во Абу Даби зад затворени врати се одржува нова рунда мировни преговори меѓу Украина, Русија и САД. Киев најави променета преговарачка стратегија по прекршувањето на енергетското примирје, Москва порачува – борбите ќе продолжат сè додека не бидат донесени вистинските одлуки од Киев...

Во Абу Даби зад затворена врата нова рунда мировни преговори меѓу Украина, Русија и САД, овојпат со, како што најави Киев, променета преговарчка стратегија по руското прекршување на енергетското примирје со синоќешните масовни напади. Зеленски оцени дека Москва не ја сфаќа дипломатијата сериозно и побара јасен одговор од САД. Шефот на Белата куќа Трамп, иако разочаран, рече дека не е изненаден од потегот на Путин.
„Очекуваме одговор од САД на руските напади. Не поминаа ниту четири дена од неделата, а нивните ветувања се веќе прекршени, што може да се очекува понатаму? Облогот на Русија за војна мора да добие одговор од светот“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
„Договорот беше од недела до недела. Тој го одржа зборот-една седмица, ќе прифатиме сè, бидејќи таму е навистина ладно, но секако би сакал да ја заврши војната“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.
Од Кремљ потврдија дека руските трупи ќе продолжат да се борат сè додека Киев не донесе „одлуки“ што би можеле да го завршат конфликтот. Вратите на Русија за мирно решение се отворени, но позицијата е многу јасна-потенцира портпаролот Песков.
„Сè додека режимот во Киев не донесе соодветна одлука, специјалната воена операција ќе продолжи. Вратата за мирно решавање е отворена. Нашата позиција е многу јасна. Тоа е добро разбрано и од режимот во Киев и од американските преговарачи, кои даваат добри услуги во водењето на овие трилатерални преговори“, изјави Дмитриј Песков, портпарол на Кремљ.
Главниот проблем во мировните преговори остануваат територијалните прашања и одбивањето на Русија за распоредување на ЕУ или НАТО трупи на украинска територија. Во сенка на дипломатијата, руските напади продолжуваат. Енергетската инфраструктура е повторно на удар. Пријавени повредени цивили во Запорожје.
Бојана Крстевски
