Занаетчискиот дом во Куманово во очајна состојба
Занаетчискиот дом или „Нотр Дам“ на Куманово е во очајна состојба. Пајажини, смет и глувци го населиле објектот кој архитектонско ремек-дело. Некогаш место за забави, дружење и размена на занаетчиски искуства, сега чека општинска помош за санација, која, според финансиската состојба, нема скоро да стигне...

Обележјето на Куманово, занаетчискиот дом, или како што кумановци го нарекуваат „Занатски дом“ денес го јаде забот на времето. Оштетена фасада, искршени прозорци, изгниени врати е првичната слика која ја оддава најрепрезентативниот објект лоциран на самиот Градски плоштад.
Во напуштените простории не пречекаа преплетени пајажини, купишта ѓубре, прав, а одвреме навреме претрчуваа и глувци кои се пикаа по испуканите ѕидови. Постарите кумановци се сеќаваат кога домот претставувал стопански и културен центар, со работилници, продавници и со првата кино сала, но сега, велат, многу е запустено.
„Некогаш ова зграда беше најубавата и најтрактивната во Куманово. Се прожектираа филмови, имавме многу убав живот. Сега за жал е затворена, едноставно како да не постои... Не знам во чија надлежност е, дали на приватници или на Општината, но треба да се санира... Пропаѓа Зантаскот дом, затоа што парите не се менаџираат добро, одат на погрешна страна...“, велат граѓаните на Куманово.
Најинспиративното здание на рускиот инженер Антонов, изградено по теркот на парискиот „Нотр Дам“, ќе почека подобри времиња за негова реконструкција. За обнова на објектот локалните валсти изготвиле проект со кој домот ќе се стави во функција и ќе биде на услуга на бизнис заедницата, но општината во моментот не располагала со доволно средства за негова обнова, заради финансиската блокада.
„Сакаме да собереме сили да делумно го санираме и го оспособиме објектот, додека не се дислоцира Градскиот Архив кој се уште користи еден дел од простоириите и додека не изнајдеме можност за некој друг проект за кој ќе обезбедиме средства од европските фондови за негова реконструкција“, информира Горан Митевски од Општина Куманово.
Домот на занаетчиите е најстариот, но и првиот објект во Куманово кој во тоа време имал вододвод од сопствен бунар. Иако старите занаетчии во кризната 1930-та успеале да приберат сопствени средства и да изградат објект кој денес има културно историско значење, кумановци со право очекуваат старата градска дама која постои само во сеќавањата од минатото да го врати некогашниот сјај.
Габриела Димковиќ
