Саможртвата на Гоце Делчев нè обврзува и денес
„И да се родел во мирнодопски времиња, сигурно животот би го поминал во борба за македонштината“ – поглаварот Стефан на одбележувањето на 154-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев. Рече дека гоцевата саможртва не обврзува и нас и постојано не повикува да се преиспитаме дали сме негови вистински наследници.

154 години од раѓањето на големиот Гоце Делчев. Идеолог, организатор и водач на Македонското револуционерно национално ослободително движење од крајот на 19 и почетокот на 20 век. Со црковно-државни почести во црквата „Свети Спас“ одбележана годишнината од раѓањето на човекот чија мисла „Јас го разбирам светот како поле за културен натпревар меѓу народите“ сведочи за неговиот напреден дух и стремежот кон слободно и праведно општество.
Архиепископот г.г. Стефан во својата беседа истакна-жртвата на Гоце е плод на свесен и промислен чин на неизмерна љубов и бескрајна почит кон достоинството на својот народ. Таа негова жртва е плод на длабокото разбирање дека македонската стварност е таква што слободата не може да се добие како милост, туку треба да се извојува.
Голем број делегации положија венци пред саркофагот каде почива револуционерот. Македонскиот великан Гоце Делчев, е човек којшто оставил нераскинлива трага. Се сеќаваме на неговото дело, коешто го направил за македонскиот народ, но и за Македонија како држава, и за сите граѓани – рече премиерот Христијан Мицкоски.
Гоце Делчев е вистински изразител на стремежите на поробените македонски маси за слобода. Како таков останал и во сеќавањата на македонскиот народ. Неговото дело им служело како борбен пример на натамошните македонски генерации.
Миле А. Ристески
