Прилепскиот театар го отвора „Експонто“ во Љубљана

11.09.2014 10:42

За десет дена на два фестивала во земјава и во странство. Прилепскиот театар в недела, како прво искуство на македонски ансамбл, ќе го отвори меѓународниот фестивал во Љубљана. На овој начин македонскиот театар се потврдува во Европа...

Претставата „Швејк во Втората светска војна“ и прилепскиот театар в недела ќе го отворат 22- от  меѓународен фестивал „Експонто“ во Љубљана. Прво искуство за македонски театар да отвори манифестација на која публиката ќе оценува претстави од 8 европски земји.

„Ја имаме таа чест во Љубљана, во централниот театар „Љубљанско народно гледалиште“ во народниот театар да го отвориме Фестивалот. И она што е најбитно да го кажеме е дека покровител на тој Фестивал и на нашата претстава на гостувањето е лично претседателот на Република Словенија, господинот Борут Пахур“, вели Стојан Дамчески, раководител на „Војдан Чернодрински“.

Ова е трето учество на „Експонто“. Според тектови на Брехт, во режија на Мартин Кочовски. Почна со „Тапани во ноќта“, продолжи со „Кавкаски круг со креда“ која пред три години беше најдобра, за сега да го отвори фестивалот со „Швејк во Втората светска војна“.

„Еден печат за македонскиот театар, не само за историјата на Прилепскиот театар. Тие се три култни претстави и сите се работени на текст на Брехт и сите се работени од еден режисер и со еден ансамбл“, вели Стојан Дамчески.

Прилепскиот ансамбл, оттука македонскиот театар се потврдуваат на меѓународните фестивали.

„Многу значи за нас како театарска куќа, за Прилеп исто така за Република Македонија, затоа што се работи за навистина престижни фестивали. Мислам дека ќе се претставиме онака како што заслужуваме и како што навистина сите не знаат“, вели Тони Чатлески, директор на ЦК „Марко Цепенков“.

На 23-ти Прилепскиот театар ќе учествува на МОТ во Скопје. Ќе ја изведе „Сон на летната ноќ“ од Шекспир во режија на Нела Витошевиќ.

 

Елизабета Митреска