ССМ со иницијатива за намалување на платите на функционерите
Сојузот на синдикати на Македонија до Собранието ја достави иницијатива за измени и дополнувања на Законот за плата и други надоместоци на пратениците и на другите избрани и именувани лица. Бараат примањата на функционерите да се замрзнат. Велат дека ако ова не помине, нивните протести ќе се радикализираат.

Сојузот на синдикати поднесе иницијатива во Собранието за измени на Законот за плата и надоместоци. Ако пратениците ја одбијат и не поднесат законски измени, тогаш според регулативата, ССМ ќе собре 10.000 потписи од работниците со право сами да поднесат измени на Законот.
Од Синдикатот на УПОЗ, пак, побараа функционерите да се солидаризираат и да си ги намалат своите плати за 78%, онолку колку што ги зголемија во април 2023-та година.
Премиерот истакна дека на синдикатите им била понудена формула по која би се пресметувале личните доходи за вработените во администрацијата, нагласувајќи дека Владата инсистира ако биде договорена, тоа да биде конечна формула по која ќе им се исплаќа платата.
Синдикатите бараат итно зголемување на минималната плата на 600 евра и раст од 100 евра за сите преостанати. Формулата што ја предлага Владата предвидува кумулативно зголемување од околу 40% до 2028-ма, со годишни нивелации меѓу 7% и 8%.
Ако не се постигне итен договор во рамките на Економско-социјалниот совет, ССМ се заканува со протести и генерален штрајк.
Борис Грујоски
