Мицкоски побарал жесток одговор од полицијата за протестите против „Безбеден град“
Премиерот Мицкоски побарал од министерот Тошковски итна и остра реакција против сите кои ги нарушија јавниот ред и мир за време на протестите против „Безбеден град“. „Секој оној кој го прекршил законот, јавно упатил закани и го загрозил мирот на граѓаните ќе одговара за да не се повтори тоа дивеење што се случи“, вели тој. Во делови од земјата, собирите продолжија...

Жесток одговор за заканите и нарушувањето на јавниот ред на протестите организирани од тие кои се противат на мерките од „Безбеден град“, најави премиерот Христијан Мицкоски.
Тој рече, во разговор со министерот Тошковски побарал решителна и силна реакција од полицијата за сите кои го прекршиле законот. На протестите дел од демонстрантите палеа и гуми и отпад и влегуваа во вербални конфликти со полициските службеници.
„Разговарав утрово со министерот за внатрешни работи. Тоа што го побарав од него е, оној кој го прекршил законот, јавно упатил закани, го загрозил мирот и безбедноста на граѓаните – жестоко да се одговори. И ќе се одговори за да не се повтори тоа дивеење вчера што се случи“, изјави Мицкоски.
Ромското население од неколку градови низ државата продолжуваат со бурни реакции по одземање на возилата кои биле нерегистрирани и кај оние кои ги управувале без возачка дозвола. Ромската заедница од Прилеп го блокираше патот кон Плетвар. И покрај најавите нема блокада на магистралниот пат Ресен-Битола.
Протестите се реакција на примената на мерките кои произлегуваат од измените на Законот за прекршоци.
Марина Стојанова – Тонева
