Бизнисменот Крмзов седна на обвинителна клупа
Струмичкиот бизнисмен Ристо Крзмов седна на обвинителна клупа. Му се суди за финансиски малверзации со незаконски поврат на ДДВ. Во случајот се опфатени уште девет лица како и фирмите кои ги користеле за да извлечат 22 милиони евра од УЈП. Одбраната тврди, обвинението е конфузно и не се земени предвид сите околности за да се утврди вистината.

Со документи распослани на 8.000 страници обвинителството ќе докажува дека струмичкиот бизнисмен Ристо Крмзов и неговите деветмина соработници создале мрежа од фирми преку кои прикажувале непостоечки трансакции, а со цел да добијат незаконски поврат на ДДВ. На овој начин, како што тврди обвинителството бил прикажан влезен ДДВ од 67 милиони евра, врз основа на кој од УЈП обвинетите искеширале 22 милиони евра. Одбраната смета дека обвинението е контрадикторно, а обвинителот одбива да ја види целата слика.
По подготвителното рочиште, судењето официјално ќе почне на крајот од март. Дотогаш одбраната треба да направи увид во 500 кластери документи кои се чуваат во депото на МВР.
Бизнисменот Крмзов стартот на судењето ќе го дочека во притвор. На барање на обвинителството, до завршување на процесот голем дел од неговиот имот ќе остане замрзнат.
Анита Димитријевска – Велковска
