Обвинителство

Оформен предмет за транспортот на мозоци во САД

04.02.2026 17:41

Обработката, замрзнувањето и меѓународниот транспорт на човечки ткива во рацете на Обвинителството. Оформен предмет за испраќањето мозоци во САД.

Јавното обвинителство ќе истражува имало ли пропусти и злоупотреби при добивање дозволи и согласности за испраќање на мозоци во Америка за научно-истражувачка дејност. Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција ќе прибира официјални информации од надлежни институции за расветлување на случајот.

„Имајќи ја предвид природата на наводите кои вклучуваат обработка, замрзнување и меѓународен транспорт на човечки ткива, како и евентуални прашања за усогласеноста со законските и етичките стандарди за експерименти со човечки ткива и примероци, Јавното обвинителство оформи предмет со цел да ги испита сите индиции за евентуално постоење на елементи на кривично дело кое се гони по службена должност“, велат од Обвинителството.

За истражувачкиот проект кој е почнат во 1996 година не е надлежно Министерството за здравство, тие се надлежни само за давање на дозвола за извоз и увоз на материјали.

Премиерот Христијан Мицковски со став дека институциите треба да го расветлат случајот што ја разбранува јавноста изминативе денови дека по десетина примероци од мозоци на пациенти со шизофренија, депресија и по извршено самоубиство биле носени на Универзитетот Колумбија за научно истражувачки цели. Документацијата за транспорт на ткива, според законот до 2018 година се чувале 15 години, а по 2018, па наваму 25 години.

Наташа Јанчиќ-Менковски