Одбрана

Мисајловски- Роблес: Засилен импулс за македонско-шпанската одбранбена соработка

04.02.2026 20:31

Мисајловски оствари билатерална средба со својата шпанска колешка Роблес, на која беше изразена заедничка подготвеност за унапредување на одбранбената соработка меѓу двете земји.

Министерот за одбрана Владо Мисајловски, на покана на министерката за одбрана на Кралството Шпанија, Маргарита Роблес Фернандес, денеска присуствуваше на отворањето на Третиот глобален меѓународен самит за вештачка интелигенција во областа на одбраната – REAIM, кој се одржува во А Коруња, Шпанија.

Самитот, на кој учествуваат министри, државни претставници од речиси сите земји членки на Обединетите нации, претставници на меѓународни организации, академици и други високи гости, има за цел зајакнување на глобалната свест за одговорен развој и примена на вештачката интелигенција во воен контекст, со почитување на човековите права и меѓународното право.

Во рамки на настанот, министерот Мисајловски оствари билатерална средба со својата шпанска колешка Роблес, на која беше изразена заедничка подготвеност за унапредување на одбранбената соработка меѓу двете земји. Притоа се разговараше за повеќе предлози за заеднички активности, како и за изготвување План за соработка во областа на одбраната.

Мисајловски се заблагодари за поканата и истакна дека Самитот претставува значајна можност за размена на експертски мислења во доменот на одбраната и безбедноста.

„Технологијата во воената област се развива со огромна брзина и затоа соработката на тоа поле е суштинска за развојот на воените капацитети и способноста на сојузниците да ја гарантираат безбедноста“, рече министерот.

Тој додаде дека учеството на Самитот е уште една потврда за одличните билатерални односи меѓу Македонија и Шпанија, чие унапредување било клучна тема на средбата.

Мисајловски потсети дека нашата земја во ноември 2024 година стана првата земја-кандидат за членство во Европската Унија од Балканот што го потпиша Партнерството за безбедност и одбрана со ЕУ, нагласувајќи дека македонскиот придонес кон регионалната и колективната безбедност ќе продолжи и во иднина.