Во Абу Даби продолжение од новата рунда мировни преговори меѓу САД, Украина и Русија
Вашингтон потврди дека е постигнат напредок, но дека остануваат нерешени најтешките прашања...

Второ продолжение од новата рунда мировни преговори меѓу САД, Украина и Русија во Абу Даби. Вашингтон потврди дека е постигнат напредок, но дека остануваат нерешени најтешките прашања.
„Ако го погледнете списокот на отворени прашања од пред една година и денес, тој список е значително намален. Тоа се добри вести. Лошата вест е дека прашањата што остануваат нерешени се најтешките. Но, правиме сè што можеме за да видиме дали има пробив. Честопати изгледа целосно безнадежно сè додека не го постигнете овој пробив што понекогаш е непредвиден“, изјави Марко Рубио, државен секретар на САД.
Зеленски изјави дека разговорите треба да доведат до траен мир и да ја спречат Русија да ја продолжи војната. Додаде дека Украина очекува нова размена на затвореници по почетокот на разговорите.
„Во моментов, народот на Украина треба да почувствува дека ситуацијата навистина се приближува кон мир и крај на војната, а не кон ситуација во која Русија користи сè во своја корист и продолжува со своите напади“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Истовремено, експлозии повторно одекнаа во Киев. Десетици илјади луѓе во Запорожје се без струја по удари врз енергетскиот систем.
