Втор ден од преговорите Русија – Украина во Абу Даби
Втор ден од мировните трилатерални разговори во Абу Даби во обид да се најде пат кон крајот на војната во Украина. Клучните и најтешки прашања остануваат отворени – потврди Вашингтон. Киев најавува подготвеност за компромис, но не и за капитулација. Москва инсистира на свои безбедносни услови на фронтот нападите продолжуваат, европските лидери зад затворени врати ја разгледуваат иднината на украинската и европската безбедност.

Второ продолжение од новата рунда мировни преговори меѓу САД, Украина и Русија во Абу Даби, со надеж дека дијалогот ќе го намали јазот меѓу Киев и Москва околу клучните територијални отстапки и чекорите за крај на војната. И покрај потврдениот напредок од страна на Вашингтон, најтешките прашања сè уште остануваат нерешени.
„Ако го погледнете списокот на отворени прашања од пред една година и денес, тој список е значително намален. Тоа се добри вести. Лошата вест е дека прашањата што остануваат нерешени се најтешките. Но, правиме сè што можеме за да видиме дали има пробив. Честопати изгледа целосно безнадежно сè додека не го постигнете овој пробив што понекогаш е непредвиден“, изјави Марко Рубио – државен секретар на САД.
Од кабинетот на Зеленски потврдија дека Киев е подготвен за компромиси, но нема да прифатат неповолни услови како еднострано повлекување на трупите.
„Компромис за нас би бил прекин на непријателствата по сегашната линија на контакт. Украина, како држава, нема да се предаде“, изјави Павло Палиса – заменик-шефот на Кабинетот на претседателот на Украина.
Поразот на Украина би значел губење на нејзината независност – нагласи Зеленски. Вели дека разговорите треба да доведат до траен мир и да ја спречат Русија да ја продолжи војната. Очекува крај на конфликтот за помалку од година.
„Во моментов, народот на Украина треба да почувствува дека ситуацијата навистина се приближува кон мир и крај на војната, а не кон ситуација во која Русија користи сè во своја корист и продолжува со своите напади“, изјави Володимир Зеленски – претседател на Украина.
Позициите на Кремљ остануваат јасни-Русија е подготвена за мир, но инсистира на одлуки од Киев што ќе ги задоволат нејзините интереси и услови за безбедност. Истовремено, додека нови експлозии повторно одекнуваат во Киев, а десетици илјади луѓе во Запорожје се без струја по удари врз енергетскиот систем, во Елисејската палата зад затворени врати се отвораат теми за Украина и европската безбедност меѓу францускиот претседател Макрон и претседателот на Европскиот совет Кошта и шефицата на Европската комисија Фон дер Лајен.
Бојана Крстевски
