Град Скопје

Ѓорѓиевски: Скопје излегува од колапс, следува најголемата инвестициска офанзива досега

05.02.2026 13:58

Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски на прес-конференција порача дека Град Скопје по години финансиски и институционален хаос влегува во фаза на стабилизација, развој и силен инвестициски циклус.

Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска изјави дека градот излегува од финансискиот и институционален колапс и започнува период на стабилизација и развој. Тој информираше дека при преземањето на функцијата затекнал град на раб на банкрот со речиси 300 милиони евра долгови, блокирани јавни претпријатија и нефункционален систем.

Во изминатите два месеци, како што рече, намалени се над 40 милиони евра обврски, нормализирана е исплатата на платите во јавните претпријатија, а со ребалансот на Буџетот и Буџетот за 2026 година, кој изнесува 5,2 милијарди денари, за првпат по долг период Град Скопје има повеќе средства отколку обврски.

Ѓорѓиевски најави најголема инвестициска офанзива досега, со зголемени капитални инвестиции, проекти во образованието, инфраструктурата, зеленилото, јавниот превоз и екологијата, меѓу кои и изградбата на пречистителната станица за отпадни води.

Тој порача дека финансиската консолидација и трансформацијата на градот продолжуваат и дека целта е Скопје да стане модерен, чист и функционален град, со подобар квалитет на живот за сите граѓани.