Култура

Концерт „Organ & Big Band“ на Националниот џез оркестар и Ренато Чико

05.02.2026 20:51

Ренато Чико е музичар чиј авторски и изведувачки израз се оформувал на њујоршката џез-сцена во 1990-тите години. Како член на оркестарот на Лионел Хамптон и музички директор на „Jon Hendricks & Company“, тој делувал во јадрото на американската биг-бенд традиција.

Националниот џез оркестар на 19 февруари ќе одржи концерт во Националната опера и балет, на кој како солист ќе настапи реномираниот пијанист и органист Ренато Чико. Концертот со наслов „Organ & Big Band“ започнува во 20 часот, а диригент е маестро Џијан Емин.

Ренато Чико е музичар чиј авторски и изведувачки израз се оформувал на њујоршката џез-сцена во 1990-тите години. Како член на оркестарот на Лионел Хамптон и музички директор на „Jon Hendricks & Company“, тој делувал во јадрото на американската биг-бенд традиција, настапувајќи и во легендарни џез-клубови како „Blue Note“ и „Birdland“.

Во проектот „Organ & Big Band“, хамонд-оргулите се поставени во центарот на оркестарскиот израз, а публиката ќе има можност да ја слушне програмата од албумот „First Encounter – Organ & Big Band“. Станува збор за современ биг-бенд проект со оригинални композиции и специјално пишувани аранжмани, преку кои се истакнува уникатниот звук на овој инструмент.

Специјален гостин на концертот ќе биде бубњарот Енди Вотсон од Њујорк, музичар со богата кариера на американската џез-сцена и соработник на ансамбли како „Vanguard Jazz Orchestra“ и „Toshiko Akiyoshi Big Band“.

Билетите за концертот се достапни онлајн и на продажните места на MKTickets, а на денот на концертот, еден час пред почетокот, ќе има билети со 50 проценти попуст за студенти и пензионери, со приложување соодветен документ. Резервации може да се направат и на [email protected].